Градот бил основан во предримскиот период, веројатно од страна на македонскиот крал Филип II или Филип V. Според пишаните извори, по освојувањето на Линкестида, Филип II подигнал тврдина (веројатно Хераклеја) преку која можел да контролира дел од кралството. Исто така постои податок според кој во почетокот на II век пр. н.е., за време на војните со Римјаните, македонскиот крал Филип V изградил неколку тврдини во пограничните области за да ја осигура границата на кралството.
По победата на Римјаните и поделбата на Македонското кралство на четири области (мериди), Хераклеја влегла во составот на четвртата мерида. Највисок степен на цивилизациски развој во време на римското владеење градот доживеал во првите векови на новата ера, кога добива статус на колонија. Во овој период Хераклеја станува силен економско-политички центар со свој постојан римски намесник и со своја римска војска. Сето тоа се одразило врз изгледот на градот, така што во голема мерка била застапена римската архитектура, иако традиционалните влијанија и историските придобивки сe уште давале свој белег на градот.
Во 472 и 479 год. Хераклеја била нападната и разурната од Готите предводени од Теодорих, по што следувала негова обнова, но во овој период бил намален обемот на обѕидието, зарадаи заштита на градот од опсади.
Во текот на V и VI век градот повторно бил нападнат од варварите, меѓу кои оние на Аварите и Словените и при крајот на VI век животот во Хераклеја дефинитивно замира.
No comments:
Post a Comment