При проучувањето и истражувањето на локалитетот, откриени се остатоците од некогашниот град, при што е направена реконструкција на неговиот изглед. На северниот крак од форумот се наоѓа портикот на судницата со правоаголна основа на чиј северен ѕид стојат две статути на постаменти и еден постамент без статуа, кои како неми сведоци ја потврдуваат величенствената историја на градот. Статуата на Тит Флавил Орест изработена од бел мермер, восхитува со една спокојна убавина во своите марцијални порпорции (биста на Тит Флавил Орест е откриена и во храмот на Тихе, во Стибера). Младото женско тело и вообичаените атрибути за вистина и правда - терзијата и лакот - ја навестуваат Немеза, божицата на правда и судбината. Во грчкиот натпис на ова статуа е кажано дека ова е дар од хераклејската граѓанка Јулија Тертила. Постаментот без статуа со грчки натпис е посветен на истата божица, а во рамка е поставен текст, стих од спевот на Хесиод, Дела и дни: ’Гладот и несреќите никогаш не ги стасуваат оние главари кои преведно судат и плодовите од својот предан труд тие ги уживаат во изобилство’.
Градењето на термата означува и раѓање на една повисока здравствена свест кај тамошните жители. Во таа смисла, термата со право може да се смета за првенче во подоцнежната изградба на аквадуктот и проширувањето на воднта мрежа во IV век. Термата се состоела од сала за капење со студена вода - фригидиум на источната страна; сала со млака вода - тепидариум во средината; и многу затоплена сала во која имало врела вода - калдариум и била во употреба се до V век.
Почетоците на градбата на театарот датираат во времето на царот Адријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пиј. Со откривањето на бината, потврдена е двојната функција на театарскиот објект - за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу оркестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезионот. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил со капацитет за околу 3000 посетители од сите сталежи.
На тлото на Хераклеја се пронајдени остатоци од повеќе сакрални објекти украсени со подни мозаици направени во opus sectile и во opus tessalatum, датирани во 5 и 6 век. Станува збор за малата базилика (А), цивилната базилика (B), големата базилика (C) и цеметријалната базилика (D) - сместена на околу 250 метри од централното градско подрачје на Хераклеја, покрај која се откиени ранохристијански и средовековни гробници.
Како контраст на овие раскошни градби, врз урнатините на стариот театар, биле подигнати профани градби од камен и кал.